Општо

ПЕЛАГОНИЈА означува срдечност кон инвеститорите во Пелагонискиот регион. Ве уверуваме дека регионот е широко отворен да ги слушне сите идеи за инвестирање и да ги поддржи да бидат успешно реализирани. Успешните инвестиции се и наш успех. За нас тоа е исполнување на визијата:

Да бидеме регион со брендирана автентичност, со висок квалитет на живеење, перспективна иднина за нашите жители, економски раст и одржлив развој по европски критериуми.

Можностите за инвестирање во регионот се ограничени само од имагинацијата на инвеститорот. Пелагонија е најголемата плодна површина во Македонија која изобилува со бизнис можности во земјоделството, агробизнисот, туризмот, трговијата, финасискиот сектор. Регионот има исклучително развиен индустриски сектор и одлични потенцијали во делот на човечките ресурси. Интензивниот подем на сите општествени сегменти во континуитет, отвора можности за инвестирање во сите индустрии, со посебен акцент на можностите за инвестирање во градежната индустрија. Регионот е енергетското срце на Македонија. Трговијата и услугите постојано се развиваат, а исклучително е нагласена и поддршката за инвеститорите во финансиските пазари и современите ИТ решенија. Природното и културното богатство нудат можности за развој на туризмот. Комуникациските врски и инфраструктурата се поволни и постојано се инвестира во нивно подобрување. Тука ќе наидете на институции кои се приемчиви и поддржувачки. И конечно, луѓето во регионот се енергични, образовани, вредни и исклучително пријателски настроени.

Како можеме да Ви помогнеме?

Тимот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион е секогаш подготвен да излезе во пресрет на Вашите специфични барања како инвеститор. Подетално ќе Ве запознаеме со можностите кои ги нуди регионот како целина и поединечно деветте општини во регионот. Кај нас ќе ги добиете сите релевантни информации и поддршка околу исполнување на законските барања. Ќе Ве упатиме на соодветните лица за секоја информација, на тој начин штедејќи го Вашето време и енергија. Нам ни е важно Вие да сте фокусирани на успехот на Вашата инвестициска идеја.
Затоа, Ве охрабруваме да нe посетите и се запознаете со можностите што ги нудиме. Штом ќе инвестирате тука, ќе станете дел од нас и од нашата визија. Ве очекуваме.
Нe радува што во нашиот регион досега успешно инвестираат, функционираат и со тоа го носат развојот на овој регион многу претпријатија. Се надеваме дека нивниот успех ќе биде и Ваша инспирација. Некои од таквите претпријатија се:
- РЕК Битола, најголем производител на електрична енергија во земјата;
- ИМБ Битола, најголем производител на млеко и производи од млеко;
- Витаминка, Прилеп, еден од лидерите во кондиторската индустрија во регионот;
- Микросам, Прилеп, пионер во технолошко-индустристрискиот сектор во светски рамки;
- ЗИК Пелагонија, водечки производител на прехранбени произовди;
- Мермерен комбинат, Прилеп, водечки производител на високо квалитетен мермер;
- Свислион - Агроплод, Ресен, компанија чија главна дејност е производство и трговија на прехрамбени производи;
Ова е само мал дел од успешните приказни, кои го чинат успехот и на Пелагонискиот регион. Ваквите успеси се возможни благодарение и на поволната околина за водење бизнис. За неа се задолжени повеќе институции презентирани подолу.

Министерството за економија е примарно одговорна за економскиот развој на земјата. Таа носи повеќе стратешки документи како:
• Индустриска политика на Република Македонија 2009-2020
• Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030 година
• Национална стратегија за развој на туризмот на Република Македонија 2009-2013
• Стратегија за развој на текстилната индустрија
• Програма за развој на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија
Повеќе информации за Министерството за економија се достапни на www.economy.gov.mk

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион е основан од единиците на локалната самоуправа што влегуваат во состав на Пелагонискиот плански регион – Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Могила, Новаци, Кривогаштани, Долнени, и има својство на правно лице. ЦРППР ја изготвува предлог-програмата за развој на Пелагонискиот плански регион и предлог-акционен план за имплементација на Програмата за развој на Пелагонискиот плански регион. ЦРППР подготвува предлог-проекти за развој на Пелагонискиот плански регион и за подрачјата со специфични развојни потреби, ги координира активностите поврзани со имплементацијата на Програмата за развој на Пелагонискиот планскиот регион, ги реализира проектите за развој и врши промоција на развојните можности на Пелагонискиот планскиот регион. ЦРППР обезбедува информации до заинтересираните страни за текот на реализацијата на Програмата за развој на Пелагонискиот планскиот регион и други прашања поврзани со регионалниот развој, дава стручна и техничка помош за единиците на локалната самоуправа при подготовката на нивните програми за развој и обезбедува стручни услуги на здруженија на граѓани и други заинтересирани страни за подготовка на проекти од областа на регионалниот развој. Повеќе информации за ЦРППР се достапни на www.pelagonijaregion.mk

Конечно, општините во состав на Пелагонискиот плански регион се меѓу најбитните клетки во поттикнувањето на развојот на Пелагонискиот регион како економска целина. Тие спроведуваат развојни програми во повеќе области како урбанистичко планирање и развој, патишта и комуникациски врски, водоснабдување, управување со отпад и сл. Од особено значење се нивните напори во развој и опслужување на индустриски зони, како и останата инфраструктура за привлекување на инвестиции. Повеќе информации за општините во Пелагонискиот плански регион се достапни на нивните веб страници:

- Битола www.bitola.gov.mk
- Прилеп www.prilep.gov.mk
- Ресен www.resen.gov.mk
- Крушево www.krusevo.gov.mk
- Могила www.mogila.gov.mk
- Новаци www.novaci.gov.mk
- Долнени www.dolneni.gov.mk