Законска регулатива за ЈПП

Во јануари 2008 година, донесен е Законот за концесии и други видови на јавно-приватно партнерство (Сл. весник на РМ бр.7/08), со кој се уредуваат модалитетите на вклучување на приватниот сектор во финансирањето на инфраструктурните проекти и давањето на јавните услуги кои традиционално се вршат од страна на јавниот сектор.

Законот ги уредува условите, начинот и постапката за доделување на договори за ЈПП, како и другите институти поврзани со доделувањето на договорите (содржината на договорите за ЈПП, правната заштита и сл.), додека пак самата можност или правото за доделување на концесија се уредува со посебните закони. Имено, доделувањето на концесија е можно само во случаите кога законите со кои се уредува начинот и условите за вршење на дејности од јавен интерес (јавните услуги), односно материјалните закони даваат можност за доделување на концесија.

Во однос на можноста за доделување на договори за другите форми на ЈПП, различни од концесиите и јавните набавки, не се потребни посебни одредби во посебните закони. Согласно Законот, сите договори за ЈПП во кои јавните партнери (централната или локалната власт, јавните претпријатија, јавните установи и другите правни лица определени со Законот) доделуваат договори на приватните партнери мора да бидат доделени во согласност со начелата и правилата на транспарентност, еднаков третман и недискриминација на приватните партнери, конкуренција и пропорционалност и заедничко признавање.

Како концеденти, односно јавни партнери, можат да се јават: Република Македонија, општините и градот Скопје. Во случај кога не се работи за концесија туку за други видови на ЈПП, како јавни партнери можат да се јават и јавните претпријатија, јавните установи, како и трговските друштва сновани од страна на централнта или локалната власт кои вршат јавни овластувања. Како приватни партнери можат да се јават домашни или странски физички и правни лица.

За реализација на ЈПП проект неопходно е следење на следните чекори и обезбедување на документација:

• Изработка на Студија (економска, техничка и правна) за оправданоста од доделување на договор за ЈПП
• Одлука за отпочнување на постапка за ЈПП
• Формирање на комисија
• Тендерска документација
• Објавување
• Постапка (отворен повик, ограничен повик и конкурентен дијалог)
• Рок за правна заштита
• Договор за ЈПП

Законската регулатива ги воспоставува следните две форми на ЈПП:

Договорно ЈПП - оваа форма на ЈПП подразбира дека ЈПП ќе се имплементира од веќе постојно правно лице основано од страна на приватниот партнер, или пак од правно лице основано од страна на приватниот партнер специјално за намените утврдени со договорот за ЈПП.

Институционално ЈПП - ова форма на ЈПП според Законот, секогаш подразбира соработка во форма на заедничко правно лице, ново правно лице (трговско друштво или мешовита установа) за вршење на јавните услуги основано во согласност со законот или приватниот партнер стекнува сопственичка контрола над веќе постојно правно лице основано од јавниот партнер. По истекот на договорот за институционално ЈПП, доколку партнерите не се спогодат да продолжат со партнерството, приватниот партнер му го отстапува влогот на јавниот партнер. Законот е достапен на следниов линк: http://www.pravo.org.mk