Модели на ЈПП

ЈПП моделите главно варираат и се карактеризираат во зависност од:

• Сопственоста на инфраструктурата
• Обврската за инвестирање
• Преземањето на ризикот, и
• Времетраењето на договорот

Треба да се напомене дека различните основни модели на ЈПП можат да бидат флексибилни, што значи моделирани и комбинирани во зависност од потребите за нивна примена по поодделни сектори.

Во теоријата и практиката се разликуваат следните основни модели на ЈПП:

Договор за услуги (до 24 месеци)
Договорите за услуги обично се доделуваат за краток временски период - од неколку месеци до неколку години. Ваквите договори се склучуваат со цел да се искористат вештините и иновациите на приватниот партнер, како и да се постигнат заштеди на трошоците за изведување на определни задачи (вршење на јавни услуги) кои често се фокусирани, на пример, на собирање на патарина, инсталирање, одржување и читање на водомери, или одржување на возила и други технички системи. Со ваквите договори сепак одговорноста за управување и инвестирање останува на јавниот партнер.

• Менаџерски договор (од 3 до 5 години)
Со Менаџерските договори одговорноста за работење со инфраструктурата и управувањето се префрла на приватниот сектор. Се работи за релативно комплексни договори со цел поттикнување на ефикасност и технолошки развој, како и користење на вештините на приватниот партнер во управувањето со инфраструктурни објекти и давањето на јавни услуги.Менаџерските договори се краткорочни, но, често се склучуваат на подолги периоди од договорите за услуги. Плаќањата спрема приватниот партнер може да бидат врз фиксна основа или врз стимулирачка основа, при што се исплатуваат премии за постигнување определени нивоа на услуги или цели. Обврската за инвестирање останува на јавниот партнер, иако е можно со менаџерскиот договор да се предвиди обврска за инвестирање и на страната на приватниот партнер.

• Лизинг (закуп) од 8 до 15 години
Кај овие договори, приватниот партнер своите приходи ги генерира од инфраструктурата која е во јавна сопственост, во замена за фиксната отплата на ратите за лизинг спрема јавниот партнер и обврската да работи и управува со инфраструктурата. Договорот за лизинг се разликува од менаџерскиот договор во тоа што тој го префрла ризикот на приватниот партнер, од причина што способноста на корисникот на лизингот да остварува добивка е поврзана со способноста да ги намали оперативните трошоци за истиот обем на услуги.
Сличноста на овој договор со менаџерскиот договор е во тоа што одговорноста за капиталните подобрувања и проширувања на инфраструктурата останува обврска на јавниот партнер, со тоа што во одредени случаи и корисникот на лизингот може да биде вклучен во капитални вложувања, односно во финансирањето на подобрувањето и проширувањето на инфраструктурата.

• Иницијатива за приватно финансирање (Private Finance Initiative-PFI) ( од 20 до 30 години)
Во рамките на овој модел приватниот партнер е задолжен да ја дизајнира и финансира изградбата на одредена инфраструктура и понатаму истата да ја администрира, односно одржува за сметка на јавниот партнер, кој истата ја користи за давање на јавни услуги, најчесто во областа на образованието, здравството, социјалната заштита и сл. Приватниот партнер, со оглед на тоа што го има дизајнирано инфраструктурниот проект и истиот го има изградено, лесно изготвува и програма за одржување со проценетите трошоци за времетраење на договорот, што севкупно има ефект на намалување на трошоците потребни за одржување на инфраструктурниот проект.Јавниот партнер му плаќа на приватниот партнер збирна цена за: дизајнот, градбата и одржувањето на инфраструктурниот објект, за однапред определен период на време. Предноста на ваквиот начин на долгорочно буџетирање, кое го опфаќа целиот животен циклус на проектот, се согледува во фактот што поголемиот број субјекти од јавниот сектор трошат повеќе пари за одржување на инфраструктурни проекти отколку за нивен развој. По истекот на времетраењето на договорот, инфраструктурниот објект по правило се пренесува во сопственост на јавниот партнер. Од дизајнирањето, преку работењето, до предавањето на инфраструктурниот објект во сопственост на јавниот партнер, овие договори можат да траат до дваесет и повеќе години. Основ за доделување на т.н. ПФИ договори е Законот за концесии и друг и видови на ЈПП.

• Концесија
Концесискиот модел е еден од најпознатите и најпрактикувани модели на ЈПП, кој го карактеризира непосредната врска помеѓу приватниот партнер (концесионерот) и крајните корисници на услугите. Приватниот партнер, иако под ,,контрола,, на јавниот партнер, ги дава јавните услуги и истите ги наплаќа од крајните корисници. Во одредени случаи можно е концесионерот да му плаќа на јавниот партнер концесиски надоместок за концесиските права, а во одредени случаи, во зависност од концесискиот проект, јавниот партнер може да му плаќа на концесионерот одреден надомест како дополнување за ненаплатениот надоместок кој концесионерот го наплаќа од крајните корисници.
Ризикот за вршење на дејноста, по правило, го презема концесионерот, а инфраструктурата изградена од страна на приватниот партнер, по истекот на договорот, се пренесува/останува во сопственост на јавниот партнер.
Доделувањето на концесија е можно само во случај ако тоа го дозволуваат материјалните закони. Концесискиот модел, особено концесијата на градба, најчесто се реализира преку т.н. договор за ,,Дизајн-Градба-Финансирање-Работење-Трансфер,,. За реализација на овој тип договори, од страна на приватниот партнер најчесто се основа правно лице за специјална намена (Special Purpose Vehicle - СПВ) во кое влог може да имаат повеќе субјекти од приватниот сектор, како и самиот јавен партнер. Концесијата може да биде:
- Концесија на градба
- Концесија на услуги
- Концесија на добра од општ интерес за Република Македонија.

Примери за ЈПП во Република Македонија

Управување со отпад
Концесија на услуги: Концесија за собирање и транспортирање на комунален и други видови на неопасен отпад, како и организирање на примарна селекција на отпадот со раздвојување на органскиот од другиот комунален - цврст отпад. Концесионерот презема обврска да постави пластични канти, со свои специјални возила да го собира отпадот еднаш неделно и да го транспортира на депонијата „Дрисла.“ За услугите крајните корисници му плаќаат на концерсионерот. Концесионерот му плаќа одреден износ на концесиски надомест на концедентот.
Концедент: Општина Ѓорче Петров
Концесијата е доделена за руралните населби на подрачјето на општина Ѓорче Петров кои не се опфатени со услуги на ЈП Комунална хигиена.
Концесиски период: 15 години

Јавно осветлување
Концесија на услуги: Концесија за улично осветлување. Концесионерот презема обврска, на свој трошок, во однапред договорен период, да ги замени постојните светилки со штедливи, кои треба да обезбедат најмалку 40.000 работни часови, со јачина од минимум 20 флукса и заштеда на елетрична енергија од најмалку 60%. Концесионерот презема обврска да го одржува уличното освтелување за концесискиот перид. Средства за плаќање према концесионерот се обезбедуваат од остварената заштеда.
Концедент: Општина Кавадарци
Концедент: Општина Штип

Примери за ЈПП во светот

Холандија
Патната инфраструктура во Ранштад е модернизирана преку јавно-приватно партнерство. Властите и ИНГ склучиле договор за ЈПП. ИНГ зел кредит од Европската инвестициона банка за финансирање на потфатот и склучува договор со операторот за наплата на патарина преку која ќе се отплатува инвестицијата. Придобивките за јавноста биле во намален број на сообраќајни незгоди и во намалени сообраќајни метежи.

Чешка Република
Одведувањето на отпадни води во општината Карвина е преку јавно-приватно партнерство низ формата договор за услуги. Карвина добива грант од ЕУ за проширување на мрежата за отпадни води. Новата мрежа е во сопственост на Карвина и се дава на лизинг на СМВак. СМВак плаќа годишен наем за користењето на проширената мрежа. Карвина не може да ја продаде проширената мрежа без да ги консултира СМВак.

Обединето Кралство
Управувањето со цврстиот отпад во Кирклис се одвива преку институционално партнерство со приватен субјект. Притоа, општината учествува во сопственичката структура со 19%. Проектот вклучува производство на електрична енергија од цврст отпад, две фабрики за компостирање и два центри за рециклирање отпад од домаќинствата. Придобивките биле во подоброто управување со цврстиот отпад и зголемување на капацитетот на депонијата.