ЕУ Фондови

Европската комисија за земјите-кандидатки за членство во Европската Унија (ЕУ), но и трети земји има осмислено и отворено повеќе инструменти или фондови (Програми на заедницата, Инструмент за претпристапна помош, Европски инструмент за демократија и човекови и др.)
Програмите на Заедницата претставуваат интегриран сет на активности усвоен од ЕУ со цел да се унапреди соработката помеѓу земјите членки во различни области поврзани со политиките на ЕУ, во период од неколку години . Програмите во принцип се замислени за членките на ЕУ, но заради подготовка на земјите-кандидатки за членство во ЕУ и решавање на заеднички проблеми, дел од овие програми се отворени и за Македонија. Дел од овие програми се:
1.Прогрес (PROGRESS) - Програма на Заедницата за вработување и социјална солидарност: Програмата во периодот 2007-2013 г. опфаќа поддршка за активности за вработување, социјална заштита и социјална инклузија, услови за работа, анти-дискриминација и различност и еднаквост на половите.
Повеќе информации на: http://ec.europa.eu/social/main.jsp?langId=en&catId=327


2.Европа за граѓаните (Europe for Citizens – EACEA) – Програма на Заедницата за промовирање активно европско граѓанство: Во периодот 2007-2013 г. програмата поддржува широк спектар на активности и организации кои промовираат активни европски граѓани и активно граѓанско општество, вклучувајќи и збратимување на градови, истражувачки активности, настани, волонтирање, заштита на историски места и архиви поврзани со депортации и спомен на жртвите на нацизмот и сталинизмот. Програмата се состои од четири мерки.
Повеќе информации на: http://eacea.ec.europa.eu/citizenship/index_en.php

3.Млади во акција (Youth in Action) – Програма на Заедницата за младите: Програмата во периодот 2007-2013 г. има за цел да го поттикне чувство на активно европско граѓанство,солидарност и толеранција меѓу младите Европејци и да ги вклучи во обликувањето на иднината на ЕУ. Нуди поддршка на за неформално и континуирано образование на младите (од 13 до 30 години), размена на волонтери и воопшто студиски посети во повеќе земји, активност за учество на младите до демократските процеси, обуки и вмрежување на младите и младинските организации итн. Програмата се состои од пет мерки (области/теми).
Повеќе информации на: http://eacea.ec.europa.eu/youth/index_en.htm

4.Програма за доживотно учење (Lifelong Learning - LLL): Во периодот 2007-2013 г. програмата нуди финансирање на организациите/институциите кои се вклучени во образованието и обуките. Истата има за цел да даде придонес кон развојот на општество засновано на знаење, со одржлив економски развој, п овеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија. Програмата се состои од четири потпрограми: Комениус – за училиштата; Еразмус за високото образование; Леонардо да Винчи за стручно образование и обуки; и Грундвиг за образование на возрасни, како и Жан Моне за учење на европски интеграции во високообразвоните институции.
Повеќе информации на: www.lifelonglearningprogramme.org.uk

5.Култура (Culture) – Оваа програма има за цел да го подобри културното европско поле, засновано на заедничкото културно наследство преку развој на активностите за соработка меѓу чинителите во културата од земјите-учеснички. Има три компоненти: Поддршка за културни проекти; Поддршка за организации активни на европско ниво во областа на културата; и Поддршка за анализи, собирање и дистрибуција на информации и за максимизирање на влијанието на проектите од областа на културната соработка.
Повеќе информации на:http://eacea.ec.europa.eu/culture/index_en.php

6.Медиуми (Media) – Програмата ги поддржува развојот и ширењето на филмови, обуки, фестивали и промоција на аудиовизуелни проекти низ Европа. Поточно програмата цели кон зајакнување на „аудиовизуелниот“ сектор и неговата конкурентност, како израз на почитување на културниот идентитет и наследство на Европа. Исто така, промовира и употреба на дигиталните технологии.
Повеќе информации на: http://eacea.ec.europa.eu/media/index_en.php и http://ec.europa.eu/culture/media/index_en.htm

7.Рамковна програма за конкурентност и иновации (Competitiveness and Innovation Framework Programme - CIP): Целта на оваа програма е да ја поттикне конкурентноста на европските претпријатија, со фокус на малите и средни претпријатија. Програмата поддржува иновативни активности за обезбедување подобар пристап до финансиите и дава услуги за поддршка на бизнисот во регионите. Исто така ЦИП поттикнува активности за подобро прифаќање и користење на информатички и комуникациски технологии и за поддршка на развојот на информатичко општество. ЦИП поддржува и активности за промоција на зголемената употреба на обновливи енергии и за енергетска ефикасност. Се состои од три потпрограми: Програма за претприемништво и иновации (ЕИП), Програма за поддршка на политики во полето на информациската и комуникациската технологија (ИКТ ПСП) и Интелигентна енергија Европа (ИЕЕ).
Повеќе информации на: http://ec.europa.eu/cip/index_en.htm

8.Европски социјален фонд (European Social Fund – ESF): Фондот е осмислен за да се намалат разликите во животниот с тандард и напредокот во членките на ЕУ и регионите, со промоција на економската и социјална кохезија. Накратко, ЕСФ е насочен кон подобрување на вработувањето/работните односи и оспособувањето за работа во ЕУ, но е отворена и за земјите-кандидатки т.е. Македонија.
Повеќе информации на: http://ec.europa.eu/esf/home.jsp?langId=en.

9. Седма рамковна програма за истражување и технолошки развој (7th Framework Programme - FP7): Програмата има за цел да одговори на потребите на ЕУ за вработување, конкурентност и квалитет на животот. Има пет теми: соработка, капацитети, идеи, луѓе и Еуратом.
Повеќе информации на: http://ec.europa.eu/research/fp7/index_en.cfm

Инструмент за претпристапна помош – ИПА ( Instrument for Pre-Accession Assistance-IPA) е интегриран инструмент за претпристапна помош наменета за земјите, кои се кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Заменува пет поранешни различни програми и инструменти (на пр. ФАРЕ, КАРДС итн.). Општата цел на претпристапната помош е да се поддржат напорите на земјата да ги исполни пристапните критериуми од Копенхаген во смисла на воспоставување стабилни институции кои ќе ја гарантираат демократијата и владеење на законот, ќе одржуваат функционална пазарна економија, прилагодување и спроведување на европското законодавство и ќе покажат способност да ги преземат одговорностите кои доаѓаат со членството во ЕУ. ИПА се состои од пет компоненти:

Компонента 1. Помош во период на транзиција и институционална надградба -
Компонентата вклучува мерки за градење на институциите и соодветни инвестиции, како и мерки за транзиција и стабилизација кои сe уште му се потребни на Западен Балкан. Тоа се спроведува преку годишни национални и мулти-кориснички програми. Опфаќа: зајакнување на демократските институции и владеење на правото; унапредување и заштита на основните права и слободи; реформи во јавната администрација и во областа на правдата и внатрешните работи; јакнење на пазарната економија; развој на граѓанското општество; воспоставување социјален дијалог; промоција на интеграцијата на малцинствата; подобрување на пристапот до финансиски олеснувања за мали и средни претпријатија и јавни администрации итн.

Компонента 2. Прекугранична соработка – Прекуграничната соработка ја опфаќа соработката меѓу земјите-кандидати и потенцијалните кандидати, како и меѓу земјите-кандидати и членките на ЕУ. Проектите кои ги поддржува оваа компонента се однесуваат на промоција на одржлив економски и социјален развој во пограничните места; заедничко работење на заедничките предизвици на полето на животната средина, природното и културно наследство, јавното здравство и превенција на и борба против организираниот криминал; обезбедување на ефикасни и безбедни граници; и промоција на заеднички активности од мал обем, вклучувајќи го и локалното население од пограничните региони.

Компонента 3. Регионален развој – Во оваа компонента се финансираат инвестиции и придружна техничка помош во области како што се транспорт (на пр. патна инфраструктура), мерки за животна средина и одржлив развој (на пр. енергетска ефикасност и обновлива енергија); како и економски развој (на пр. подобрување на регионалната конкурентност и поволно опкружување и ќе поттикнат создавање и одржување на постојана вработеност).

Компонента 4. Развој на човечки ресурси – Компонентата е дизајнирана да го зајакне човечкиот капитал и да помогне околу спречувањето на исклученоста (слично на ЕСФ, види погоре). Активностите кои се поддржуваат во оваа компонента се главно насочени кон вработувањето: подобрување на пристапот до вработување, зголемување на прилагодливоста на работниците, претпријатијата, претприемачите, во поглед на подобрување на предвидувањето и позитивно управување со економските промени; спречување на невработеноста и долгорочната невработеност кај младите, охрабрување на активното стареење и продолжување на работниот век, како и зголемување на учеството на пазарот на труд; јакнење на социјалната инклузија и интеграцијата на лицата со посебни потреби и борба против сите видови на дискриминација на пазарот на труд; промовирање на партнерства, сојузи и иницијативи преку вмрежување на релевантните засегнати страни, на пример социјални партнери и граѓански организации, на национално, регионално, локално ниво; зајакнување на институционалниот капацитет и ефикасноста на јавната администрација и јавните услуги на национално, регионално и локално ниво итн.

Компонента 5. Рурален развој (ИПАРД) – Во оваа компонента се финансираат рурални развојни мерки, или поточно мерки и активности за развој на земјоделството и руралните средини. Приоритетните оски на ИПАРД се: Подобрување на пазарната ефикасност и спроведување на стандардите на ЕУ; Подготвителни активности за воведување на агро-еколошки мерки и ЛЕАДЕР-пристап; и Развој на руралната економија.
Сите детални информации во врска со Инструментот за Претпристапна Помош можат да се најдат на следниот линк: http://www.sep.gov.mk/Default.aspx?ContentID=26