Странски фондови

Во Република Македонија достапни се средства од неколку странски фондови. Тука се дадени само општи информации. Заинтересираните можат да добијат повеќе информации на наведените веб сајтови.

Програмата PSI (Private Sector Investment) од Холандската Влада
Програмата PSI се реализира преку грантови (неповратна помош) од Холандската Влада за воспоставена долгорочна соработка меѓу холандски компании и македонски локални компании при што го помага македонско-холандскиот бизнис со најмногу 50% од вкупната вредност на проектот и кој може да изнесува најмногу 1,5 милиони евра. Останатите 50% од проектните трошоци се финансираат од двата партнера (холандската компанија спроведувач и партнерската локална македонска компанија). Царинските давачки и ДДВ-то при увоз на стоките во рамки на проектот се исто така на товар на странскиот партнер. ПСИ објавува повик за доделување грантови двапати годишно. Може да конкурираат мали и средни претпријатија од Македонија, кои се занимаваат со производство. Оваа програма ја управува EVD – Агенцијата за меѓународна трговија во рамките на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија/Развојна соработка, а посредувана од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Р.Македонија. Целите на ПСИ се да поттикне финанскиски раст, да ги зголеми можностите за вработување и да создава приход во земјите во развој, вклучително и Р.Македонија. Ова се постигнува со тоа што им се овозможува на холандските компании да направат иновативна инвестиција заедно со локална македонска компанија. Согласно моменталните насоки во Министерството за надворешни работи на Кралство Холандија ПСИ ќе биде достапна за Р.Македонија до 01.01.2012 година.
Повеќе информации: http://www.evd.nl/psi

Програмата ОРИО - фонд за развој на инфраструктура од Холандската Влада
Целта на ОРИО е да допринесе кон остварување на Милениумските развојни цели преку инвестирање во јавни инфраструктурни проекти во земјите во развој, вклучувајќи ја и Р. Македонија. ОРИО придонесува за развој, имплементација (изградба и/или проширување) и искористување на јавната инфраструктура во земјите во развој. Програмата овозможува поддршка на сите фази од проектниот циклус. Се предвидува финансирање на околу 50% од буџетот за фазата на развој на проектот, односно 35% од буџетот потребен во оперативната и во фазата на имплементација. Вкупната буџетска рамка по проект не треба да изнесува помалку од 2 милиони евра и не повеќе од 60 милиони евра. ОРИО објавува повик за грантови двапати годишно. Финансиската помош преку ОРИО е достапна и за единиците на локалната самоуправа, но, единствено во соработка и со поддршка од ресорното министерство при што апликацијата за предвидениот проект се поднесува од страна на Министерството, а треба да исполнува посебни критериуми. Реализацијата на ОРИО проектите се финансира преку Министерството за развојна соработка на Холандија додека Агенцијата за меѓународна соработка е задолжена за нивна имплементација. Во Македонија, координацијата на оваа програма е во надлежност на Секретаријатот за европски прашања.
Повеќе информации: http://www.orio.nl

Фондови од Австриска Агенција за развој (Austrian Development Agency - ADA)
Во последниве 13 години во Македонија се активни 37 проекти под раководството на Австриската агенција за развој (ADC - Austrian Development Cooperation). Дел од проектите се насочени кон: борбата против невработеноста; нееднаквата развиеност на регонот; развојот на инфраструктурата за водоводна мрежа; како и проекти за обезбедување на енергијата и наоѓање на потенцијални видови обновлива енергија.Една од главните цели на ADА е креирањето на работни места и зголемување на вработеноста и приходите во регионот преку промовирање на целите на развој на приватниот сектор во поддршка на оддржлив економски раст во Југоисточна Европа. Активностите на ADC во регионот опфаќаат и блиска соработка и поврзување со австирскиот приватен сектор и индустрија со локалните развојни институции. ADА го поддржува и промовира претприемништвото и бизнис партнерствата помеѓу австриските компании и локалните компании во земјите во развој, вклучувајќи ја и Р.Македонија. Австриските компании може да придонесат значително за развојот на земијте во развој преку инвестирање или увоз на добра и преку мобилизирање на капитал и умешност (знаење) градејќи понуда и создавајќи работни места со што ќе го подобрат животниот стандард на локалното население. Како дел од бизнис партнерството ADC обезбедува грант (неповратни средства) од најмногу 50% од директните трошоци на проектот кои може да изнесуваат до 200.000 евра. Идејата за бизнис партнерство мора да е од самите претприемачи. Најдобар начин е да се исконтактира директно со Канцеларијата за бизнис партнерство на ADА.
Повеќе информации: www.ada.gv.at и www.entwicklung.at

Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (Swiss State Secretariat for Economic Affairs – SECO)
Швајцарската агенција за развој и соработка SDC и Швајцарскиот секретаријат за економски прашања – SECO имаат значајна улога во обезбедувањето поддршка на Р. Македонија. Активностите на овие две агенции се целосно координирани со цел да постигнат најдобра ефективност и видливост на придонесот на Швајцарската влада.Согласно развојот и потребите на Р. Македонија, Стратегијата за соработка на SDC и SECO за 2009-2012 има за цел да ја поддржи Р. Македонија во транзицијата и Европските инеграциски процеси придонесувајќи за подобрување на следните области: понатамошен развој на демократското општество, при што собранието ефективно да ги формулира законите и политиките на контрола, локалната самоуправа да обезбедува услуги на граѓаните по европски стандарди, граѓанскиот сектор да држи јавни услуги и приватниот сектор да биде поодговорен, како и воспоставување на одржлива употреба на природните ресурси т.е. олеснување на спроведувањето на интегриран систем за управување со водните ресурси и долгорочно спроведување на политиките за животна средина. SECO досега учествувал со финансиска поддршка во проекти за развој на органско производство во Р. Македонија и развој на Националниот парк Пелистер.
Повеќе информации http://www.swiss-cooperation.admin.ch/macedonia/en

Програмите TAM и BAS на Европската банка за обнова и развој
ТАМ програмата поддржува воведување на добри деловни пракси во мали и средни претпријатија преку ангажирање меѓународни консултанти од развиените земји со над 15-годишно професионално искуство во одредена област. Консултациите типично траат околу 18 месеци. Досега се спроведени над 37 проекти во Македонија.БАС има улога на фацилитатор на локалната понуда на консултантски услуги од една страна и на побарувачката за нив од страна на микро, малите и средните претпријатија. Поттикнувајќи ги претпријатијата да ангажираат локални консултанти за конкретни цели, БАС се обидува да ја поттикне побарувачката и разбирањето за корисноста од локалните консултантски услуги. Консултациите типично траат 4 месеци. Досега се спроведени 393 проекти во Македонија.Консултантските услуги преку ТАМ/БАС програмите делумно се обезбедени во форма на грант. Останатиот дел треба да биде обезбеден како сопствено учество од страна на претпријатијата корисници.
Заинтересираните претпријатија можат да дојдат до повеќе информации преку следниот линк: http://www.ebrd.com/pages/workingwithus/tambas/where/macedonia.shtml