Агро-бизнис сектор

Агро-бизнисот опфаќа разни деловни активности поврзани со производство на храна, вклучувајќи земјоделство, преработка на земјоделски производи, маркетинг, продажба на големо и мало, земјоделска опрема, агрохемиски и други активности. Агро-бизнисот има сe поголем тренд на раст во глобални рамки и станува сe позначаен. Истовремено се зголемуваат барањата за поквалитетно и одржливо производство.Пелагонискиот регион е вистинското место да се инвестира во агро-бизнис. Регионот е најголемата плодна рамница во Македонија со вкупна расположлива површина од 61,037 хектари. Тука најмногу се произведуваат житарици, тутун и јаболко, а сe повеќе се инвестира и во производство на вишни, кајсии, сливи, праски и ореви. Житариците се најпогодни во делот од Пелагонија кој гравитира кон Битола. Од житарици најмногу се произведува пченица, јачмен, пченка, шеќерна репа и сончоглед. Тутунот е најмногу застапен во делот од Пелагонија кој гравитира кон Прилеп. Во општина Могила доминира производство на тутун од типот Вирџинија.Јаболкото најмногу се произведува во Ресен. Доминира сортата ајдарет, а се произведуваат и сортите: црвен и златен делишес, јонаголд, гринисмит, муцо и други. Пелагонискиот регион е значаен производител на млеко и млечни производи. Тука е сместена најголемата млекарница во Македонија, а активни се и други производители на млеко, сирење, сладолед и други преработки од млеко. Исклучително битна карактеристика на овој регион е ниската фрагментираност на земјоделските површини. Тоа овозможува ползување на низа предности, вклучително и економија на обем.Некои од попознатите претпријатија активни во секторот агробизнис се: ЗИК Пелагонија, Тутунски комбинат Прилеп, Сокомак, Индустрија за млеко Битола, Идеал Шипка, Цермат, Милина и др