Сакате да штедите енергија и да ги намалите сметките во Вашиот дом?

Голем број сопственици на имотите поседуваат градби кои многу заостануваат зад сегашните текови во енергетската технологија. Решението е врз овие градби да се изврши реновирање заради енергетско штедење. Комбинирање на неколку поединечни мерки за подобрување може да даде значителен позитивен ефект: подобрување на изолацијата на градбите ја намалува топлинската загуба и побарувачката за енергија, додека пак современите грејни технологии овозможуваат преостанатите потреби од енергија да се задоволат побрзо и поефикасно. Со вакви инвестиции Вашиот дом може да стане поудобен, да ја зголеми својата вредност и изглед и да придонесе кон поздрава и помалку загадена животна средина.

Од неизолираните семејни куќи топлината се губи неупотребена преку прозорците, фасадните ѕидови, приземјето или кровот. Првиот чекор за кој треба да размислувате е подобрување на фасадата на градбата, имајќи во вид дека реновирањето би требало да ја земе предвид целата градба, а не само поединечните нејзини делови. Дом со правилно изолирани кров, прозорци и фасадни ѕидови, малку губи топлина, а со тоа бара и помалку енергија и има потреба од помал систем за греење.Од голема важност е да се направи термографско мерење со што ќе добиете прецизна слика за можните топлински загуби (слаби точки) во градбите и да ги лоцирате местата каде Ви е потребна подобра изолација, нови врати или прозорци.Од сите делови на една градба, кровот е изложен на најголемо влијание од околината.

За подобрување на енергетската ефикасност на накосен кров, постојат две можности. Изолацијата може да се нанесе: на косината од кровот, доколку поткровјето се користи како простор за живеење или рекреација, или на подот од поткровјето, доколку поткровјето се користи само како остава. На пазарот може да се сретнат бројни изолациони материјали, при што секој вид е достапен во неколку облици, како: табла, подлошка, клинец или во неврзана форма. Повеќето македонски станбени градби целосно или делумно се опремени со еднослојни прозорци, со често пропустливи спојки. Надворешните врати исто така често се состојат од стакло и рамка коишто пружаат слаба изолација. Овие прозорци и врати се причина за огромна енергетска загуба и неудобна внатрешна клима. Затоа, прозорците со еднослојно стакло како и пропустливите прозорци и надворешни врати треба да се заменат. Топлинската загуба којашто произлегува од одредено прозорско стакло се изразува со коефициент на топлинска спроводливост, познат и како U-вредност. Колку што е пониска оваа вредност, толку е подобра топлинската заштита. При купување на прозорски стакла, треба да се изберат такви кои имаат ниска U-вредност. Дополнителна заштеда можете да направите со употреба на малтер за топлотна изолација. Заштедата на енергија со материјали за топлинска изолација може да се искачи и на 23%, во споредба со само 13% што се постигнува со обичен изолационен малтер. Се прашувате колку вкупно енергија можете да заштедите со вакава инвестиција и за колку време ќе си ги повратите вложените средства? Семејство со станбена куќа со големина од 180m2 со поставување на топлинска изолација на сите фасадни ѕидови и целиот кров, замена на еднослојните стаклени прозорци со двослојни прозорци со пластичен рам успеа да ја намали потрошувачката на енергија за 52%. Инвестицијата успеаа да ја вратат за 2,5 години и видно да ги намалат сметките за струја.

Текстот е преземен од веб порталот www.build.mk